уторак, 30. април 2013.

Драги мои!
Случкава која Ви ја презентирам подолу е жива вистина. Истата се има случено во седумдесетите години од минатиот век во Пожаране, на пожаранец- мој  пријател кој за жал не е повеќе меѓу нас, но кој зад себе има оставено дела кои вечно ќе не потсетуваат на него и неговата личност. Ќе се потрудам истата да Ви ја изнесам во директен говор, исто онака како што тоа знаеше и умееше да го направи тој.

 
                       Е  АЈ  ИЗЕДИ  МЕ  ДА  ТЕ  ВИДАМ !

 Тој ден беше лето, сонцето толку грееше преку денот што тревата ја исуши до корен. Затоа одлучив навечер, доцна во ноќта, да ја земам мотиката и отидам во мојата ливада испод селото и убаво ја навадам тревата која беше пред косење.
Речено – сторено. Штом се изгасна и последната светилка од куќите во Долното Маало, и само уличните светилки го осветлуваа селото, ја зедов мотиката на рамо и тргнав по селското џаде накај „Црешничка“.  


По пат ја проверував браздата која водеше до мојата ливада и рикаше со вода. Небото беше полно ѕвезди, месечина светеше како ден. За многу кратко време стигнав на самото место.  Веднаш ја распоредив водата по бразди а потоа во еден агол од ливадата легнав на тревата да се одморам. Насекаде мртва тишина. Само шумолот на водата и црцорењето на штурците стигаше до моите уши. Таму останав некаде околу еден саат -саат и половина  , после што решив да ја одвратам водата и  тргнам кон дома.  По сртот на Сува Гора штотуку пукна зората.. 

Само што ја ставив мотиката на рамо и зачекорив напред, почуствував како некој од зад грб  ме влече за блузата. Неможев да си поверувам на самиот себе. Веднаш со главата се свртев кон назад, меѓутоа зад мене немаше никој. За момент морници ми поминаа по телото и ладна пот ми го облеа челото.  Бидејќи во близина се наоѓаше „Илиница“ ( црквичка од селото) тоа уште повеќе ме вознемири иако по природа не сум плашлив човек. Повторно тргнав да одам нанапред  и повторно некој ме повлеќе за блузата – овој пат ми се причини дека е посилно од предходнот пат. Се свтрев со главата наназад но зад мене и овој пат немаше никој. Во паника и страв ја фрлив мотиката на земја и почнав да трчам по стрмната патека нагоре кон селото. Како што трчав по патот, нешто од зад грб постојано ме дрпаше и влечеше за блузата. 

После неколку минути напорно трчање, почуствував како сум на крајот од силите , дека повеќе неможам да издржам и дека во секој момент ќе се струполам на патот. Така и се случи.  Паднав на земјата, ги подигнав рацете и силно извикнав:  Е ај изеди ме да те видам“- Во тој момент до мене немаше ама баш никој. Само еден подолг трн од капинки се беше запнал за мојата блуза  кој постојано ме влечел наназад додека бегав по патот од ливадата. 

Како да ми падна камен од срцето. Ништо немаше од она во што јас се сомневам. Позедов душа, кратко се одморив, трнот го откачив од блузата,  а потоа полеку , безбедно и без страв се упатив кон дома-долго размислувајќи во себе што се би можело да му се случи на еден човек.

__________________________
Овој текст го посветувам на мојот  пријател - од Авторот,